Македонската фудбалска репрезентација на одличен начин ги заврши квалификациите за Европското првенство кое следната година ќе се одржи во Германија, ремизирајќи против големата Англија со 1-1 во Скопје.
По натпреварот задоволството не го криеше капитенот Енис Барди кој изјави дека на овој натпревар Македонија одигра сплотено и сосема заслужено стигна до огромен бод.
„Знаевме дека не очекува еден тежок натпревар против Англија. Знаеме која е Англија и какви играчи имаат. Мислам дека во последниов натпревар оваа година одигравме заедно и со сите сили. Зборевме цела година како треба да се игра за репрезентација, да се излезе на терен и се остави срцето. Така беше денеска и на крај го земавме тој бод кој многу не радува. Една мала Македонија заслужено зема бод против Англија и мислам дека ова е знак за иднината. Мислам дека можеме против секој да се натпреваруваме“, изјави Барди.
За истиот беше заслужен токму Барди кој во првото полувреме ја затресе мрежата по одбраната на пеналот од страна на Пикфорд.
„Не упатив шут на местото на кое што сакав и среќа што ми се врати на мене повторно па дадов гол“, вели Барди.
„Мислам дека некогаш ВАР е во твоја полза, некогаш не. ВАР им помага на судиите и се зависи од тоа како судијата во тој момент ја гледа ситуацијата. Мислам дека имаше пенал над Елиф, но тој пенал не беше досуден. Вториот не го видов, но наша среќа бидејќи беше посуден пенал“
Искусниот фудбалер од средниот ред кратко ги прокоментира и самите квалификациите изјавувајќи дека големо негативно значење имал поразот од Украина на домашен терен, но гледајќи назад искуството ќе биде драгоцено во годините кои следат.
„Во некој период оваа година паднавме психички и мислам дека клучот беше против Украина кога загубивме дома. Тоа ни го сруши моралот и по таков натпревар отидовме во Англија. Сепак мислам дека сега имаме повеќе искуство, знаеме кој што и како треба да изгледа на теренот за оваа репрезентација и јас секогаш велам. Овде има многу добри луѓе кои сакаат да си помогнат еден на друг и само така можеме да одиме напред“, заврши капитенот на македонската фудбалска репрезентација.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА