Барди се врати во Леванте, следен предизвик е Реал Мадрид

Македонскиот фудбалски репрезентативец Енис Барди е единствениот наш претставник во Ла Лига, а денеска им се врати на клупските обврски по настапите за националниот тим против Израел и против Албанија. А, по три дена за него и клупските соиграчи следи можеби најголемиот предизвик, дуелот со актуелниот европски првак Реал Мадрид на „Сантијаго Бернабеу“.

Тренерот Хуан Рамон Муњиз вели дека „кралевите“ секако се огромни фаворити, но Леванте ќе се обиде да го изненади тимот на Зинедин Зидан.

„Дуелот против Реал Мадрид е голем предизвик за нас. Знаеме кој е фаворит, свесни сме за тоа, но ќе одиме да се надигруваме на „Сантијаго Бернабеу“, вели тренерот на Леванте.

Се очекува Енис Барди да биде стартер во редовите на Леванте на саботниот меч кој е закажан за 13 часот, а и двата тима имаат по 4 освоени бода по воведните две кола од новата сезона во Ла Лига.

Се вчитува...