Играчот на Трабзонспор и македонски репрезентативец Енис Барди, во интервју за турските медиуми зборуваше за неговото прилагодување во турскиот тим.
Тој кажа дека оваа сезона е многу тешка за неговиот тим, затоа што секој сака да се докажува против шампионот, а коментираше и за тоа како му е во тимот на Трабзон по доаѓањето од Леванте.
„Дојдов во голем тим. Играм во екипа која сака да игра фудбал, квалитетот на играчите е голем и сакаат да доминираат. Кога ќе го споредам овој тим со мојот претходно кој играше во Шпанија, нема голема разлика. Оваа сезона нормално е да имаме проблеми, затоа што секогаш е потешко да се одбрани титулата, отколку да се освои. Кога првпат дојдов тука, ми беше малку тешко, особено првите денови. Промените знаат некогаш да бидат болни. Сезонава сме бранители на титулата, а тешко ни е особено на гостинските терени каде што домашните се обидуваат да дадат се од себе за да го победат шампионот. Секој сака победа над најдобриот“, изјави Барди.
Запрашан која позиција најмногу му одговара, тој одговори:
„Најмногу сакам во средниот ред, но ќе играм онаму каде што ќе ми кажат. Конкурецнијата во екипата е голема, но тоа е позитивно за еден ваков тим. Јас сум играч кој секогаш се труди да биде подобар од вчера, и секогаш и на тренинзите сакам да дадам повеќе од вчера и фудбалот нема граници“, рече Барди кој го коментираше и последниот Мундијал и освојувањето на титулата на Аргентина.
„Мојот идол е Меси и драго ми е што го освои пехарот. Го освои трофејот кој му недостасуваше и навистина многу ми е драго. Тој го заслужи тоа“, заврши македонскиот репрезентативец.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА