ЕКИПА во Гдиња,
Никола Ѓуровски, Владимир Булатовиќ, Игор Паневски
Младата фудбалска репрезентација на Македонија до 21 година вечерва (20.45 часот) го игра последниот трет натпревар од групата Б, на Европското првенство во Полска. Ова е воедно и крај за оваа „херојска“ генерација на фудбалери во младинска конкуренција, а последниот меч ќе го одиграат против силната Португалија. Но, како и многу пати претходно, тие немаат никаков комплекс, напротив, максимално се самоуверени и посакуваат со триумф да се збогуваат од ЕП.
„Моторот“ на младиот национален тим, Енис Барди, вели дека по поразот и ремито – дојде време за победа.
„Со Шпанија доживеавме пораз на стартот, со Србија одигравме реми, па на крајот нека дојде и победата. Ја посакуваме бескрајно, ќе играме максимално ангажирано и се надеваме дека ние ќе радуваме по дуелот со Португалците. Тие се квалитетна репрезентација, ги респектираме апсолутно, но и не ги преценуваме. На теренот ќе се одлучи кој е подобар. Подготвени сме за последната битка, и се надеваме дека ќе бидеме победници“, истакнува Енис Барди во најава на вечерашниот меч против Португалија.
Македонија нема шанси за полуфинале, со оглед дека по два натпревари има еден освоен бод, но триумф би бил огромен успех и би бил историски за младиот фудбалски национален тим на ЕП.
„Ние сакаме да победиме за цела Македонија. Немаме шанси за полуфинале, но ќе играме како да е финале“, порачува Барди.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА