Барди: Верувајте, пред мечот како сите да знаевме дека победуваме!

ЕКИПА во Хаифа, Израел

Владимир Булатовиќ

Утрото по триумфот на македонската репрезентација на гостувањето против Израел во квалификациите за СП 2018, со нешто постишани емоции фудбалерот од средниот ред Енис Барди ги сумира впечатоците од пресметката на „Сами Офер“…

Македонија за првпат во историјата на гостински терен, во еден квалификациски циклус, успеа да слави против репрезентација која е меѓу 70 најдобри на ФИФА листата. Но, Барди повикува на, сепак, контролирање на еуфоријата затоа што ова е само еден натпревар а македонскиот фудбал е желен за победи во континуитет и посериозна наша улога во иднина на интернационалната сцена.

„Да бидам искрен ваква победа ни беше потребна, но само како момент за во иднина да имаме далеку поголем мотив за успешни настапи и победи. Но, не смее да не води еуфоријата сега, затоа што веднаш следи нов натпревар во вторник, а потоа уште два во октомври. И тие не се неважни. Мора на секој натпревар да размислуваме за победа“ – вели фудбалерот на Леванте, кој ни открива дека некако пред мечот со Израел сите во репрезентацијата како да чувствувале дека ќе се победи.

„Мислам дека за синоќешната победа пресуди тоа што сите бевме психолошки подготвени за победа. Верувајте, сите не само што посакувавме, туку како да верувавме дека ќе дојдеме до победата. Навистина тешко дојдовме до неа, затоа што беа ненормални услови за игра. Никогаш досега не сум играл под такви тешки услови, висока температура и огромна влага во воздухот. Но, издржавме, и сега мислам дека посмирено ќе се подготвиме за натпреварот со Албанија во вторник во Струмица, каде верувам дека ќе имаме попријатни временски услови за игра“ – истакнува еден од најдобрите македонски фудбалери.

 

Се вчитува...