Италија со триумф ја почна одбраната на европската круна откако синоќа славеше во пресметката со Албанија со 2-1. „Аѕурите“ почнаа катастрофално, примајќи гол по само 23 секунди игра, но избраниците на Спалети изреагираа на вистински начин и во следните петнаестина минути успеаја да направат целосен пресврт.
„Тоа беше навистина чуден почеток. Да примиш гол по само 23 секунди на првиот меч од ЕВРО 2024, секако не е пријатно. Може да те повреди, да паднеш на психолошки план, но ние се вративме на вистински начин. Покажавме колку ја посакуваме оваа победа, постигнавме голови во вистински момент и презедовме контрола над играта и резултатот. Требаше да дадеме уште некој гол за да го решиме порано победникот, во финишот малку паднавме, но најважно од се е што стигнавме до победата“, изјави стрелецот на победничкиот гол за Италија, Николо Барела.
Фудбалерот на Интер беше неизвесен за настап поради повреда на мускулот, тој ги пропушти последните пријателски средби на „аѕурите“, но синоќа се појави во стартниот тим на Спалети и ја предводеше својата репрезентација до победата.
„Среќен сум бидејќи не можев ниту да тренирам во изминатите денови. Не ми беше лесно да седам од страна, но тренерот и соиграчите јасно ми ставија до знаење дека сум дел од тимот, цело време беа тука за мене. Овој гол беше одличен начин да им возвратам“, истакна Барела, кој со десет погодоци е најдобриот стрелец од сите фудбалери на Италија кои се дел од овој европски шампионат.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА