Николо Барела постигна фантастичен погодок за Интер во убедливиот триумф над Аталанта, но италијанскиот репрезентативец нешто подоцна заработи и незгодна повреда на лицето и мораше да биде заменет од тренерот Симоне Инзаги.
Деталните лекарски прегледи не покажаа сериозен проблем, но Барела сепак мораше да има операција на носот за целосно да биде санирана оваа повреда. Интер преку клупско соопштение објави дека хируршкиот зафат минал без никакви проблеми, Барела ќе мора целосно да мирува во следните неколку дена, по што во наредната седмица би требало да се приклучи на тренинзите на тимот.
Ова практично значи дека одличниот играч за врска ќе ги пропушти следните две средби на италијанската репрезентација од Лигата на Нации, против Франција и Израел. Сепак, се очекува Барела да биде „фит“ за наредните предизвици со тимот на Интер, најпрвин дуелот со Монца во четвртото коло од Серија А закажан за 15 септември, а потоа и супер-пресметката со Манчестер Сити во Манчестер закажана за 18 септември.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА