Легендарниот возач на Ферари Рубенс Баричело, призна дека после трката во Австрија 2002 година му било наредено да го пропушти својот клупски колега Михаел Шумахер. Шумахер освои седум титули светски првак, а сигурно дека за дел од нив заслуга имаат колегите, меѓу кои и Бразилецот со кого заедно возеше во Ферари.
Бразилецот призна дека за време на трката добил наредба да го пропушти Шумахер, кој на крајот славеше победа.
„После трката излегов од болид и повраќав од лутина. Не можев да верувам. Сите знаат што се случи, но ете ќе кажам. Слично беше и во 2001 година кога болид на Мекларен беше пред мене, Михаел беше трет, и јас добив инструкции да ги смениме позициите. Тогаш ги прашав: „Дали би ми наредиле да бев прв?“, и ми одговорија дека во тој случај тоа не би го барале од мене“, рече Баричело.
Рубенс на таа трка беше прв, и веќе сите го видоа на највисокото место на победничкиот пиедестал, но тогаш Шумахер се бореше за титулата светски првак. Иако имаше цели 44 бодови од својот ривал, газдите на Ферари наредиле дека Шуми мора да победи.
„Во текот на осумте кругови водевме расправа, бев бесен, но ме натераа. Реков дека ќе го сторам тоа, но пред сите. Во моментот кога сфатив дека работите нема да се променат, и дека нема да ме третираат на начин на кој заслужив, ја напуштив екипата и заминав една година пред истекот на договорот“, рече бразилскиот пилот кој замина во пензија во 2012 година.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА