Двете кошаркарски легенди на НБА-лигата, Чарлс Баркли и Реџи Милер, влегоа во конфликт откaко Баркли го посочи Никола Јокиќ како негов фаворит за МВП на регуларниот дел од сезоната. Според Баркли, Јокиќ заслужува да влезе во најтесниот избор на конкуренти поради фактот дека го предводи својот тим Денвер нагетс до најдобар скор во лигата, иако овој клуб се соочува со сериозни проблеми поради повредите на тројца играчи од стартната петорка.
„Веќе реков, пред повеќе од еден месец – јас сум фан на Денвер нагетс. И не само тоа, Јокиќ треба да биде главен кандидат за најкорисниот играч на лигата“ – истакна Баркли, по што веднаш беше прекинат од Реџи Милер.
„Ма ајде престани“ – порача легендарниот шутер, па продолжи “Не може да биде главен кандидат. Ајде да биде во приказната за МВП, но лидер, тоа не е реално… веднаш можем да ти кажам пет играчи кои се пред него во трката за ова признание“ – истакна Милер.
„Сер Чарлс“ сепак остана доследен на својот став, дека Јокиќ со своите одлични игри сезонава заслужува да се најде во центарот на вниманието на кошаркарската јавност.
„Велите дека не бил доволно добар или влијателен за играта на својот тим. Па тој е лидер на Денвер, тимот во кој недостигаат тројца стартери, а кој сепак го има најдобриот скор во лигата. Ако тоа не е доволно за да гледате сериозно на човекот, не знам што би било“ – порача Чарлс Баркли.
Никола Јокиќ во просек бележи по 18 поени, 10 скокови и 7 асистенции по натпревар. Тој згора на тоа е и најдобар „крадец на топки“ во Денвер, што значи дека е предводник на тимот во четири клучни статистички категории.
Jokic for MVP? Does Chuck have a point? ? pic.twitter.com/cEZ3750Tex
— NBA on TNT (@NBAonTNT) December 21, 2018
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

