Барнли со две засилувања во еден ден

Новиот премиерлигаш Барнли осетно ги засили своите редови откако денеска потпиша договори со две нови засилувања, и тоа Зеки Амдуни и Џејмс Трафорд.

Амдуни е 22-годишен напаѓач кој пристигнува од редовите на Базел, тим за кој минатата сезона постигна 12 гола во швајцарското првенство. Воедно, тој беше најдобар стрелец во Конференциската лига на УЕФА со седум постигнати погодоци, а Барнли ќе плати 18 милиони фунти за неговиот трансфер.

Трафорд е големо засилување за голманската позиција, откако младиот голман ја предводеше Англија до титулата на последното ЕП за играчи до 21 година. Тој не прими ниту еден гол на целиот турнир, а во самиот финиш од големото финале одбрани пенал на Шпанија и беше херој на „гордиот албион“. Барнли ќе плати 17 милиони фунти на Манчестер Сити за овој трансфер, но „граѓаните“ ќе имаат можност да го вратат во своите редови за три пати повисока сума.

Се вчитува...