Луис Суарез постигна еврогол со „ножички“ на дербито со Севилја, но на сите во Барселона им е сосема јасно дека Уругваецот веќе не е „кошмар“ за ривалите каков што беше по доаѓањето од Ливерпул. Тој веќе наполни 32 години, што е доволна причина за каталонскиот гигант да почне да разгледува неколку различни опции за негов наследник.
Договорот на Суарез истекува во 2021 година, но челниците на Барса би можеле веќе следното лето да доведат нова „екстра-деветка“ на „Камп ноу“. Според каталонските медиуми, во игра се четири врвни фудбалери, и тоа Хари Кејн, Килијан Мбапе, Маркус Рашфорд и Лаутаро Мартинез. За Лаутаро „навива“ Меси, но проблем е што овој фудбалер се наоѓа пред потпишување на нов договор со Интер. Рашфорд неодамна се обврза на долгорочна верност кон Манчестер Јунајтед, а ангажманот на Килијан Мбапе се чини како невозможна мисија, пред се поради тотално нарушените односи меѓу Барселона и ПСЖ.
Хари Кејн е исфрустриран од очајниот старт на сезоната на Тотенхем, па англискиот репрезентативец би можел да побара трансфер од лондонскиот клуб следното лето. Сепак, „спарси“ сигурно ќе бараат околу 200 милиони евра за својот најдобар фудбалер, па останува да се види дали Барса ќе се согласи да плати толкаво богатство во истиот преоден рок кога се очекува конечно да се заврши и сагата за враќање на Нејмар на „Камп ноу“.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА