Ернесто Валверде е задоволен од играчите што ги има на располагање, но тренерот на Барселона посакува да му биде доведен уште еден лев бек за покривање на најболната позиција во тимот. По заминувањето на Лукас Дињ во Евертон каталонскиот гигант остана со Жорди Алба како единствена опција за оваа позиција, со Вермелен како евентуална замена кога шпанскиот ас би добил одмори или би бил повреден.
Свесен дека Белгиецот и самиот е склон на повреди, но и со брзината е далеку под темпото што го диктира Барса, Валверде инсистира на нов играч на оваа позиција, но проблем му е што управата не планира да троши пари за овој дел од тимот, па можни опции се само оние кои би дошле „гратис“, односно како слободни играчи.
Според весникот „Ел Мундо Депортиво“, како опција Валверде има тројца фудбалери кои одлично би му се нашле и би ја покриле оваа позиција, а управата на клубот веќе во јануари ќе има можност да ги договори нивните лични трансфери. Начо Монреал веќе најави дека е подготвен да си замине од Арсенал, а Шпанецот не крие дека би сакал да се врати назад во татковината. Слична е ситуацијата и со Алберто Морено, кој влезе во последната година од договорот со Ливерпул, а целосно ја загуби битката за првотимски статус од Робертсон. Трета опција е Бразилецот Филипе Луис од Атлетико Мадрид, но многу пореално е дека овој лев бек ќе се пресели во Премиер-лигата или пак во ПСЖ, отколку да го напушти тимот на Диего Симеоне за друг шпански прволигаш.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА