Барса беше пред банкрот, а носи супер-засилувања: Ова е рецептот за успех на Лапорта

Барселона пред една година се наоѓаше на работ на амбисот, откако каталонскиот гигант немаше простор во буџетот за да го регистрира Лионел Меси, по што најголемата клупска легенда беше принудена да си замине од „Камп ноу“. „Минусот“ на Барса веќе подолго време ја надминува границата од една милијарда евра, но каталонците не дозволуваат тоа да ги наруши плановите – да биде составен нов дрим-тим што ќе атакува на трофеите во сите натпреварувања.

Пресудно беше враќањето на Жоан Лапорта на претседателската функција, човекот кој во 2003 година во својот прв мандат го донесе Роналдињо во Барса, а сега се обидува да сврти нов лист по очајното раководење на Бартомеу и да ја врати Барселона онаму каде што припаѓа. Барса најчесто носеше „гратис“ играчи во изминатите 12 месеци, но Лапорта се покажа и како одличен преговарач, успевајќи да ги намали огромните плати на голем дел од играчите. Последен таков случај е Дембеле, кој пред два месеци инсистираше на 18 милиони евра годишна плата, но откако не ја доби од ниту еден од заинтересираните клубови, на крајот потпиша двогодишен договор за шест милиони евра по сезона.

Барса сепак „се отвори“ во овој преоден рок, издвојувајќи 120 милиони евра за Левандовски и за Рафиња, згора на тоа ќе плати уште околу 50 милиони евра за нов дефанзивец (најверојатно Кунде од Севилја). И додека останатите клубови се жалат за кршење на финансискиот ферплеј, се чини дека Лапорта најде начин да го застане клубот на здрави нозе и покрај огромните долгови.

Клучен беш договорот за продажба на процент од вкупните ТВ-права на клубот за наредните 25 години. Лапорта потпиша договор со агенцијата “Sixth Street”, со што на клупската каса легнаа 230 милиони евра. Потоа, тој продаде уште 15% од вкупните ТВ-права за 310 милиони евра, пари што ги доби веднаш и што му овозможија експресно да ја врати Барса меѓу „факторите“ на фудбалската берза. Можеби за некоја година цената на ТВ-правата ќе се зголеми и овој потег на Лапорта нема да делува толку генијално, но факт е дека на каталонците им беше неопходна финансиска инјекција што поскоро, а новиот претседател најде вистински начин да донесе сериозна сума на пари за огромната криза да биде намалена.

Покрај тоа, Лапорта потпиша и договор со „Спотифај“ како главен спонзор на дресовите, но и за името на стадионот за наредните осум години, договор вреден 435 милиони евра.

Јасно е, Барселона повеќе не е финансиски проблематичен клуб, па сега е на Чави, Левандовски, Рафиња, Педри и останатите да се фокусираат само на случувањата на теренот и да го вратат каталонскиот џин на врвот на шпанскиот и европскиот фудбал.

Се вчитува...