Дика Мем постигна гол за водство на Барселона од 29-23 на синоќешниот дуел со Пик Сегед, но францускиот бомбардер остана да лежи на теренот и веднаш стана јасно дека повредата не е наивна.
Десниот бек имаше проблем со рамото, а деталните прегледи само ги потврдија стравувањата дека повредата е сериозна. Од клупското соопштение што попладнево го објави каталонскиот гигант, Дика Мем има мало изместување на десното рамо и ќе мора да пропушти неколку натпревари на Барса.
Конкретна прогноза околу паузата не беше наведена, но каталонските медиуми објавија дека Мем нема да може да настапи на претстојното светско клупско првенство, што од 27 септември до 3 октомври ќе се одржува во Каиро, Египет.
Светски клупски првак е единсвената титула што Барса ја нема освоено откако Карлос Ортега пристигна на клупата, па останува да се види дали каталонците овојпат ќе успеат до големиот трофеј, и тоа без својот најдобар ракометар.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА