Јулијан Нагелсман ќе ја води Германија на претстојниот европски шампионат, но младиот стратег веднаш потоа ќе замине од кормилото на националниот тим. Тој не ја крие желбата да застане на чело на нов клупски проект, Барселона неодамна покажа интерес да го доведе Нагелсман за наследник на Чави, но според последните информации Њукасл е тимот што е лидер во трката за потпис на поранешниот сратег на Баерн Минхен.
Богатите газди од Саудиска Арабија беа импресионирани од Еди Хау минатата сезона, но годинава ситуацијата е целосно променета, а тимот на Њукасл е предалеку од врвот на табелата. Хау речиси сигурно нема да биде сменет до крајот на сезонава, но речиси невозможно е тој да „преживее“ летово за кога челниците на клубот најавуваат мини-ремонт. Се очекува клубот да продаде неколку играчи, но и да доведе најмалку две-три врвни засилувања, како подарок за новиот тренер.
Прв на листата со желби кога станува збор за тренерската позиција е токму Нагелсман, со кого Њукасл веќе стапил во контакт, но договорено е преговорите да бидат одложени на извесно време за тој да се подготви за предизвикот наречен ЕВРО 2024 со Германија. Њукасл во април ќе испрати и официјална понуда што според англиските медиуми ќе биде предобра за да биде одбиена, не само поради платата што би ја добивал актуелниот германски селектор, туку и поради слободата што би ја добил во изборот на нови засилувања за екипата.
Извои блиски до тренерот тврдат дека тој е заинтересиран за преселба во Премиер-лигата како врвен тренерски предизвик, па лесно може да се случи Нагелсман уште пред почетокот на ЕВРО 2024 да потпише за Њукасл, за потоа по завршувањето на европскиот шампионат и официјално да се пресели во Англија.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА