Барселона славеше со 97-88 на домашен терен над Реал Мадрид, поведувајќи со 1-0 во финалната серија од шпанската Ендеса лига. Со прикажаната игра, каталонците покажаа дека ја научиле лекцијата по поразот во полуфиналето од Евролигата, но нема сомнеж дека Реал нема да се откаже до крајот на ова финале, во битката за одбрана на шпанската круна.
„Кралевите“ нешто подобро го почнаа мечот, но Барса се врати во ритам со трите тројки во низа што ги постигна центарот Шанли. Првото полувреме донесе супер-офанзивна кошарка со вкупно 97 постигнати поени (47-50), но „кралевите“ не успеаја да го задржат темпото и во вторите 20 минути. Одбраната на Барселона успеа да ги затвори приодите кон сопствениот кош, каталонците умешно се одлепија, Реал и покрај неколкуте одлични реализации на Серхио Родригез не успеа целосно да се врати, па каталонскиот гигант заслужено стигна до триумф од 97-88.
Лапровитола беше прв стрелец на Барселона со 19 поени, по 14 реализираа Миротиќ и Шанли, додека кај Реал Мадрид најефикасни беа Родригез со 16 и Таварес со 15 поени.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

