Барселона денеска и официјално го промовираше Илкај Гундоган како големо засилување за наредната сезона. Германскиот репрезентативец пристигнува на „Камп Ноу“ како слободен играч, по истекот на договорот со Манчестер Сити, а Гундоган не го криеше задоволството што станува член на овој европски гигант.
„Чест ми е што сум овде, можам веднаш да кажам дека овој клуб е навистина специјален. Од првиот момент кога разговарав со Чави веднаш посакав да дојдам овде, благодарност до сите што помогнаа овој трансфер да се реализира. Сакам да продолжам да победувам и со овој тим како што тоа го правев со Манчестер Сити. Можам да кажам дека тимот што го имаме поседува огромен потенцијал…. од мал ги гледав натпреварите на Барса, оној тим на Рајкард, па на Пеп Гвардиола… сега и јас ќе имам можност да заиграм за овој европски гигант и горд сум поради тоа“, изјави Гундоган.
Германецот обелодени дека пред да ја донесе конечната одлука побарал совет и од Роберт Левандовски, со кого кратко време играше заедно во Борусија Дортмунд.

„Тука беше и Тер Штеген, кој ми е репрезентативен колега и со кого разговарав за Барселона. Потоа му се јавив и на Левандовски, кој ми раскажа се за клубот, за градот и што всушност значи да се игра за Барса. Можам да кажам дека тој е горд што е дел од овој клуб и неговиот став многу ми помогна да ја донесам вистинската одлука за мене и за моето семејство“, прокоментира Илкај Гундоган.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

