Барса го стигнува рекордот на Реал Сосиедад

Фантастичниот камбек и ремито во минатото коло во Севилја им овозможи на фудбалерите на Барселона да се најдат на работ на уште еден рекорд во шпанскиот фудбал, оној за најдолга серија без пораз во Ла Лига што му припаѓа на Реал Сосиедад. Баскијскиот клуб беше без пораз на 38 натпревари во текот на сезоните 1978/79 и 1979/80, додека Барса по ремито во Севилја сега е 37 натпревари без неуспех на домашната сцена.

Избраниците на Валверде денеска го пречекуваат Леганес, па доколку не се случи сензација на „Камп ноу“, тогаш Барса ќе биде рамо до рамо со Реал Сосиедад, за шанса рекордот целосно да го урне да има наредниот викенд, на домашен терен против Валенсија.

Само за потсетување, Барселона последниот пораз во Ла Лига го претрпе на 8 април минатата година, 2-0 на гостувањето во Малага, меч на кој Нејмар заработи црвен картон.

Доколку успеат да го урнат рекордот на Реал Сосиедад, потоа каталонците ќе се обидат да станат само трет тим во историјата на шпанскиот фудбал што завршил цела сезона без пораз. Тоа претходно им успеало на Атлетик Билбао во 1929/1930 и на Реал Мадрид во 1931/32, кога бројот на екипи во елитното шпанско друштво бил помал од сегашните дваесет.

Се вчитува...