Барса и „црвената фурија“ во нова војна за Ламин Јамал

Играњето или неиграњето на Ламин Јамал за Шпанија станува „жешка тема“ при секој репрезентативен собир, тренд што продолжи и во овие ноемвриски квалификации во кои „црвената фурија“ би требало рутински да го потврди првото место во групата на средбите со Грузија и со Турција.

Јамал пред петнаесетина дена се врати по повредата, ги одигра сите 90 минути на последните натпревари и се очекуваше да ја предводи Шпанија во ноември, но тоа нема да биде случај. Шпанската Фудбалска Федерација преку соопштение обелодени дека Јамал добил зелено светло да се врати во клубот поради здравствен проблем.

Од федерацијата не кријат дека се разочарани од односот на Барселона и криењето на медицинските третмани врз Јамал кои придонеле тој да мора да мирува во наредниот период.

„Медицинската служба на Фудбалската Федерација на Шпанија сака да го изрази своето незадоволство откако во понеделникот, на денот на собирот на репрезентацијата, во 13:47 часот дознавме дека Ламин Јамал бил подложен на радиофреквентна процедура за лечење на болка во пределот на пубисот. Оваа процедура е извршена без претходна консултација со медицинскиот персонал во националниот сојуз, а деталите ни се доставени преку извештај добиен сионќа во 22:40 часот, кој укажува дека фудбалот мора да мирува во следните седум до десет дена. Со оглед на новонастанатата ситуација, а знаејќи дека наш приоритет во секој момент е здравјето и безбедноста на фудбалерите, донесена е одлука федерацијата да го ослободи Ламин Јамал од репрезентативните обврски“, се вели во соопштението на шпанската куќа на фудбалот.

Јамал е неизвесен за првиот меч на Барса по репрезентативната пауза, дуелот со Атлетик Билбао, но се очекува шпанскиот бисер да биде стопроцентно подготвен за следниот дуел од ЛШ, гостувањето против Челси закажано за 25 ноември во Лондон.

Се вчитува...