Барса има проблем – никој не сака да го купи Кутињо

Ангажманот на Антоан Гризман повлече со себе проблем за Барселона – јасно е дека за Филипе Кутињо веќе ќе нема место во првиот тим на каталонскиот гигант. Маката е во тоа што каталонците се подготвени да го продадат Кутињо, но никој не ни помислува да испрати официјална понуда за бразилскиот плејмејкер.

Барса му плати на Ливерпул 135 милиони евра за Бразилецот, а ќе треба да доплати уште 20 милиони доколку Кутињо настапи на уште 26 средби за каталонскиот гигант. Јасно е зошто во таборот на Барса сакаат што поскоро да го продадат плејмејкерот и да избегнат нова исплата до европскиот првак, но од друга страна сумата од 100 милиони евра на која го имаат проценето Кутињо ги „олади“ сите заинтерисирани клубови.

Шпекулациите за враќање на „Енфилд“ експресно беа демантирани од Ливерпул, Челси беше „најзагреан“, но не може да испрати понуда поради забраната за трансфери, додека Манчестер Јунајтед би тргнал по Кутињо само доколку го продаде Погба, а тоа нема да се случи во блиска иднина. Се споменува дека Бразилецот ќе биде искористен во понудата до ПСЖ за Нејмар, но останува да се види дали „светците“ ќе го прифатат Кутињо за проценетите 100 милиони евра, или преговорите ќе земат поинаков тек.

Триото Меси – Суарез – Гризман ќе има загарантиран првотимски статус, а ако се реализира камбекот на Нејмар, минутажата на Кутињо во Барса ќе биде сведена на минимум. Јасно е, најдобро за сите ќе биде тој да си замине од „Камп ноу“, но за тоа да се случи ќе треба да се најде „херој“ што ќе ја плати сумата што каталонскиот гигант ја бара за овој фудбалер.

Се вчитува...