Барса ја одреди цената за Кутињо, ќе се најде ли „херој“ што ќе ја плати

Филипе Кутињо тврди дека е среќен во Барселона, челниците на Барса во јавноста истакнуваат дека се задоволни од Бразилецот, но реалноста е сосема поинаква – каталонскиот гигант со Гризман создаде моќно трио, а самиот интерес за Нејмар јасно става до знаење дека за Кутињо веќе ќе нема место во оваа екипа. Каталонските медиуми тврдат дека шпанскиот првак веќе ја одредил и цената за своето промашено засилување – и тоа огромни 100 милиони евра.

Барселона му плати на Ливерпул почетни 125 милиони евра за Бразилецот, но откако тој не ги оправда очекувањата вредноста на пазарот осетно му се намали. Каталонците инсистираат ако веќе си замине, барем да си вратат што поголем дел од инвестицијата, но речиси сигурно е дека нема да се најде клуб што ќе потроши толкаво богатство на Кутињо. Јирген Клоп денеска јавно ги демантираше гласините за негов камбек во Ливерпул, заинтересираниот Челси има забрана за трансфери од ФИФА, додека Манчестер Јунајтед во меѓувреме се откажа од Бразилецот и ги насочи погледите кон Милинковиќ – Савиќ од Лацио и кон Бруно Фернандес од Спортинг Лисабон.

Последна шанса за Барса е Кутињо да го вклучи во „пакетот“ до ПСЖ за Нејмар, но тешко е за верување дека „светците“ ќе прифатат на проценката на каталонскиот гигант.

Се вчитува...