Барса „киксна“ на градското дерби – Лахоз направи хаос: Пенал за Еспањол, поништен црвен картон со ВАР…

Барселона ремизираше на градското дерби со Еспањол (1-1) во својот последен меч во 2022 година, дуел што повторно го одбележаа чудни судиски одлуки на Матеу Лахоз. Контроверзниот арбитар кој важи за „Анти-Барса“ во шпанската јавност и беше критикуван и од Меси на СП во Катар имаше свое шоу попладнево на „Камп Ноу“, судејќи пенал за Еспањол, но и покажувајќи вкупно два црвени и дури 13 жолти картони во мечот што делуваше сосема мирно до израмнувачкиот погодок, но потоа прерасна во војна на теренот што судијата не успеа да ја исконтролира дури ни со мафтање со картони.

Дуелот почна одлично за Барселона, откако дефанзивецот Микел Алонсо одлично се снајде и со прецизен удар со глава го матираше голманот на Еспањол. Барса делуваше во тотална контрола, не реализираше уште неколку убави шанси, се додека изненадувачки не прими гол.

Гостите погодија од пенал преку Хоселу откако истиот фудбалер беше несмасно фаулиран од Алонсо во шеснаесетникот на домаќинот. Веднаш потоа почна и хаосот, откако Лахоз за помалку од две минути му покажа два жолти картона на Алба, исклучувајќи го искусниот лев бек без притоа да направи ниту еден прекршок (првиот за кошкање со противнички играч, вториот за приговор кон судијата).

Шоуто на најконтроверзниот шпански судија продолжи во 80. минута, кога во една акција на Барса исклучи двајца фудбалери на Еспањол. Винисиус Соуза за втор жолт картон екпресно беше испраен на ладење кон соблекувалната, а Лахоз му покажа и директен црвен картон на Уругваецот Кабрера, за удирање на Левандовски додека домашниот напаѓач лежеше на теренот. Еспањол требаше да остане со девет играчи, но повикот од ВАР собата го смени мислењето на главниот судија, кој го избриша црвениот картон на Кабрера.

Барса создаде неколку шанси до крајот, но не успеа да постигне и втор гол, па каталонците ја испуштија предноста што ја имаа во пресрет на СП во Катар и сега се израмнети со Реал МАдрид по бројот на бодови на врвот на табелата во Примера Дивизион.

Се вчитува...