Барса крена раце од Рашфорд, голгетерот има нова понуда од Премиер-лигата

Маркус Рашфорд дефинитивно повеќе не е дел од плановите на Манчестер Јунајтед, но „црвените ѓаволи“ се мачат да најдат купец за најплатениот фудбалер во своите редови.

Рашфорд преговараше со Милан, но таа опција пропадна, а во последните седум дена англискиот голгетер изрази желба да се пресели во Барселона откако каталонскиот гигант покажа интерес за неговите услуги. Тој трпеливо чекаше, но денеска доби ладен туш, откако раководството на Барса му соопштило на неговиот агент дека воопшто нема да испраќа понуда до Манчестер Јунајтед.

Во меѓувреме, интерес за овој фудбалер покажа друг англиски премиерлигаш, и тоа екипата на Астон Вила. Клубот од Бирмингем го продаде Дуран во Саудиска Арабија и сака да доведе нов голгетер, Унаи Емери има високо мислење за Рашфорд, но пресудно ќе биде дали Јунајтед ќе се согласи да покрие половина од платата на напаѓачот, нешто на што Вила ќе инсистира во преговорите.

Едно е сигурно, крајот на преодниот рок е се поблиску, а тоа значи и притисок врз Манчестер Јунајтед за што поскоро да се ослободи од фудбалерот што Рубен Аморим не го сака во својот тим.

Се вчитува...