Барса моќна и во белградскиот пекол, Тринкиери го разбуди заспаниот Жалгирис

Домашниот терен и пеколната атмосфера не беа доволни за Црвена Звезда да стигне до позитивен резултат против Барселона, меч што „црвено-белтие“ премногу лесно и убедливо го загубија со 76-85. Пресудна беше втората четвртина во која каталонците влегоа во серија, се одлепија до двоцифрена предност и на одмор заминаа со 32-45. Извонреден во дресот на Барса во овој период беше резервниот плејмејкер Бризуела, кој постигна 14 поени само во втората четвртина и го предводеше својот тим до победата. „Црвено-белите“ се обидоа да сторат нешто повеќе, но каталонците умешно ја одржуваа убедливата предност, на крајот славејќи со конечни „плус девет“.

Бризуела со 20 поени беше најдобар поединец во таборот на Барселона, Јан Весели имаше 16 поени и осум скокови, додека кај Црвена Звезда најефикасни беа Недовиќ со 21 поен и Јаго Дос Сантош со 13 поени и седум асистенции.

Жалгирис стигна до уште една голема домашна победа под водство на Тринкиери откако во преполната сала во Каунас го совлада Панатинаикос со 80-68. Литванскиот гигант успеа да се одлепи на стартот од последната четвртина, заслужено радувајќи се на победата во која блескаше Американецот Кинан Еванс со 24 поени, пет асистенции и пет украдени топки. Кај ПАО најефикасен беше Кендрик Нан со 26 поени, но овој кошаркар имаше и седум загубени топки.

Се вчитува...