Барса мора да побрза, ПСЖ подготвува офанзива

Жоан Лапорта не крие дека ангажманот на Нико Вилијамс е еден од приоритетите на Барселона за летниот преоден рок, особено по извонредните настапи на крилниот офанзивец на ЕВРО 2024.

Сепак, каталонците се уште се соочуваат со финансиски проблеми, а неможноста да соберат пари од продажба на постоечките првотимци само ја компликува мисијата на Лапорта во обидот да го потпише Вилијамс, кој има клаузула за заминување од Атлетик Билбао за сума од 58 милиони евра. Сега ситуацијата станува уште покомпликувана за каталонците, откако во трката се вклучува и ПСЖ.

Парите никогаш не се проблем за „светците“ од Париз, кои допрва ќе тргнат во трансфер-офанзива за да создадат моќен тим по заминувањето на Килијан Мбапе. Во завршна фаза се преговорите со Бенфика за плејмејкерот Жоао Невеш кој до крајот на оваа седмица би требало да се пресели на „Паркот на принцовите“, по што Насер ал Келаифи ќе го насочи своето внимание кон Нико Вилијамс.

Француските медиуми најавуваат дека понудата на ПСЖ до фудбалерот ќе биде супериорна во однос на онаа на Барселона, се со цел да се убеди овој суперталентиран фудбалер да се пресели во Франција. Јасно е, Лапорта ќе мора да реагира и што поскоро да се обиде да потпише договор со Вилијамс, во спротивно огромна е опасноста Барса да остане без посакуваното засилување.

Се вчитува...