ПСЖ остана без шампионската титула во Франција, а како што стојат работите „светците“ ќе останат и без еден од своите клучни фудбалери во текот на летниот преоден рок. Како што јавува весникот „Л’Екип“ од добро упатени извори, Марко Верати е решен да си замине од „Паркот на принцовите“ и за тоа веќе го известил новиот директор на ПСЖ, Антеро Енрике.
Првиот оперативец на клубот од Париз не успеал во намерата да го убеди Верати да остане, откако Италијанецот изразил сомнеж дека еден ден ќе стигне до титулата во ЛШ со тимот на ПСЖ по последното разочарување на реваншот со Барселона. Иако „светците“ имаат уште неколку години од договорот со Верати, не планираат да чуваат незадоволен играч во своите редови, па Верати станува достапен на пазарот.
Јувентус е подготвен да понуди 70 милиони евра за да го доведе италијанскиот генијалец во своите редови, но во прв момент за фаворит во оваа трка важи Барселона. Новиот тренер на каталонскиот гигант, Ернесто Валверде, побарал десен бек и плејмејкер како приоритети за овој преоден рок, а според шпанските медиуми Барса е подготвена да понуди и над 80 милиони евра само за да го доведе Верати на „Камп ноу“. Доколку овој трансфер се реализира, тоа речиси сигурно ќе значи и заминување на Андрес Иниеста, кој се уште тактизира со потпис на новиот договор.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА