Барса на колена пред моќните „кралеви“

Реал Мадрид ја понижи Барселона во првото овосезонско евролигашко „Ел Класико“, декласирајќи го големиот ривал со убедливи 92-65. Неполн месец по минималниот пораз во меѓусебниот дуел во шпанското првенство, Реал дочека одмазда прашањето на победникот решавајќи го уште во првото полувреме. Во стартната четвртина брилијантен беше Рендолф, во вториот период во ритам влезе и Керол, Барса немаше одбрана за извонредната игра во нападот на домаќините, за на крајот со тројката на Кампацо со звукот на сирената на одмор да се замине со преубедливи 53-30 за Реал. Поголемиот дел од второто полувреме мина во израмнета борба, за во последните пет минути Реал Мадрид повторно да влезе во серија, качувајќи ја разликата и над 30 поени, за на крајот ова дерби да заврши со конечни „плус 27“ во корист на актуелниот европски шампион.

Томпкинс беше најефикасен со 17 поени, Рендолф реализираше 16, а Керол 15 поени за Реал, кој славеше убедливо и покрај очајниот шутерски настап на Серхио Љуљ (0/7 за тројка). Ертел со 16 и Пангос со 11 поени беа единствените двајца кошаркари со двоцифрен ефект во таборот на Барса.

Фенербахче останува на чело на табелата со скор 11-1 откако турскиот гигант вечерва го совлада Милано со 92-85. Мајк Џејмс со три тројки во серија ги врати гостите од Италија во мечот, Милано стигна на два поени негатива во самиот финиш, но Фенер во своите редови го имаше Гудуриќ, кој погоди две тројки во клучните моменти и ја осигура победата. Токму Гудуриќ беше најефикасен кај победничкиот тим со 20 поени, 17 постигна Весели, додека Џејмс со 31 поен беше најдобар поединец во таборот на гостите.

Најдраматично беше на дуелот во Тел Авив, каде Басконија како гостин го совлада Макаби со 79-81, со забивањето на Пуарие на 11 секунди до крајот.

ЦСКА Москва рутински триумфираше на руското дерби против Химки (88-74), максимално користејќи го неиграњето на Швед за гостинскиот состав, додека Олимпијакос ја искористи предноста на домашниот терен и го победи Анадолу Ефес со 88-81.

Се вчитува...