Фрустрирачки е овој период за фановите на Барселона, откако управата на клубот не успеа да доведе ниту еден нов фудбалер по продажбата на Нејмар во ПСЖ. Поразот за Филипе Кутињо е речиси официјален, а според последните информации каталонците не успеваат да дојдат ниту до Осман Дембеле, уште еден играч кој се наоѓа при самиот врв на листата со желби на тренерот Валверде
Каталонците се пофалија дека денеска испратиле понуда од 130 милиони евра, што се очекуваше да биде доволна за францускиот офанзивец да дојде на „Камп ноу“. Сепак, германските и шпанските медиуми веднаш објавија дека Борусија експресно ја одбила оваа понуда. Причината е очигледна, како што се ближи крајот на преодниот рок така и нервозата кај каталонците е се поголема, а германскиот клуб се обидува да го искористи тоа – дополнително кревајќи ја цената на својот незадоволен фудбалер.
Пораката од Дортмунд до Барселона била дека Дембеле чини 150 милиони евра, па сега на потег се каталонците. Дополнителен притисок за управата на клубот е што ниту Лео Меси нема потпишано нов договор, туку чека да види како ќе се одвиваат работите до крајот на преодниот рок, нешто што може да биде огромен проблем за Барса поради фактот дека неговиот актуелен договор истекува за една година.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА