Барселона се соочува со големи проблеми откако Марк Бернал заработи тешка повреда поради која ќе паузира девет месеци, а каталонскиот гигант нема да може да ангажира замена за овој суперталентиран фудбалер.
Стефан Бајчетиќ од Ливерпул беше идеална опција за „спас“ од оваа криза, Барселона дури и испрати понуда од четири милиони евра за едногодишна позајмица, а самиот фудбалер изрази желба да се испроба во дресот на каталонскиот гигант. Сепак, трансферот беше стопиран доцна во ноќта откако каталонците увидоа дека проблемите со финансискиот ферплеј со кои се соочува овој клуб се преголеми. Тие би можеле да го потпишат Бајчетиќ, но потоа не би добиле зелено светло да го регистрираат во својот тим откако едвај направија место за регистрација на Дани Олмо, поради што каталонците решиле дефинитивно да се откажат од намерата за ангажман на шпанскиот тинејџер со српско потекло.
По ваквиот развој на настаните, Бајчетиќ во текот на денешниот ден ќе отпатува за Австрија, каде по лекарските прегледи ќе следи и потпис на договорот со Салцбург, клубот со кого преговараше пред Барса да се вклучи во трката за негов потпис. Тој ќе замине на едногодишна позајмица, по што се очекува да се врати назад во Ливерпул откако „црвените“ по секоја цена одбиваа да вклучат клаузула за откуп во преговорите и со Салцбург и со Барса.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА