Марк Бернал доби шанса од Ханси Флик на позицијата последен играч за врска на почетокот од сезоната, 17-годишникот импресионираше со одлични игри и експресно го доби прекарот „новиот Буксетс“, но тогаш следеше катастрофа – на гостувањето против Рајо Валјекано овој тинејџер заработи тешка повреда и мораше да биде повлечен од игра.
Деталните прегледи покажаа кинење на лигаментите во коленото, а Барселона данеска објави дека врз тинејџерот бил извршен успешен хируршки зафат од страна на докторот Жоан Карлес Монлау.
Операцијата минала без проблеми, но поради сериозноста на повредата младиот фудбалер ќе паузира повеќе од вообичаените 6-9 месеци. Како што Барселона објави преку клупско соопштение, камбекот на Бернал може да се очекува дури во септември 2025 година, што би значела негова пауза од една година од фудбалските терени.
Слична пауза има и плејмејкерот Гави по ланската повреда, кој во текот на следниот месец би требало да го има својот камбек во дресот на каталонскиот гигант.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА