Пресметките меѓу Барселона и Реал Мадрид се актуелни и на кошаркарската сцена, но со сличен ефект, па каталонскиот гигант почна да им набива комплекс на „кралевите“ и во кошарка како што тоа беше случај на последните фудбалски пресметки меѓу двата гиганти. Откако пред петнаесетина дена среде Мадрид стигнаа до трофејот во Копа дел реј, каталонците вечерва го совладаа големиот ривал и во рамките од Евролигата (77-70). Триумфот е сосема заслужен со оглед на фактот дека Барса го контролираше резулатот во поголемиот дел од натпреварот, а најефикасен повторно беше поранешниот играч на Реал, Анте Томиќ, со дабл-дабл од 22 поени и 13 скокови. До дабл-дабл стигна и плејмејкерот Ертел, со 17 поени и 10 асистенции, додека кај Реал најпрецизен беше ветеранот Руди Фернандез со 15 поени, три повеќе од Рендолф.
Олимпијакос немаше одговор за атомскиот напад на ЦСКА Москва, губејќи пред своите гледачи од рускиот гигант со 81-97. Пресудно беше второто полвреме во кое ЦСКА заигра подобро во одбраната и го задржа домашниот тим на само 31 постигнат поен (тимот на Итудис реализираше 46) и заслужено се радуваше на победата. Хигинс со 18 и Де Коло со 16 поени беа најефикасни кај победничкиот тим, додека прв стрелец на Олимпијакос беше Зак Ледеј со 21 постигнат поен.
Второто полувреме беше пресудно и на дуелот во Подгорица меѓу Будуќност и Баерн, каде гостите ги добија вторите 20 минути со резултат 31-48 и на крајот славеа со конечни 75-89. Лучиќ со 18 и Бартел со 16 постигнати поени беа најзаслужни за овој триумф на баварскиот гигант.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА