Барселона нема да има нималку лесна задача да се пласира во четвртфиналето од Лигата на шампионите, откако каталонскиот гигант претрпе пораз од 28-25 на денешниот прв осминафинален меч против Монпелје.
Борко Ристовски и соиграчите имаат за што да жалат ако се земе во предвид доминацијата на Барселона во поголемиот дел од првото полувреме. Имено, гостите имаа водство од 4-7, и 5-8, нешто подоцна и од 9-13, но големиот пад во играта во самиот финиш од полувремето му овозможи на Монпелје да постигне четири гола во серија и на одмор да замине со израмнети 13-13.
Охрабрени од фуриозниот финиш на првиот дел, домашните ракометари продолжија во силно темпо и во вторите 30 минути, контролирајќи го резултатот. Барса неколку пати успеваше да се врати, но Монпелје сепак го зададе завршниот удар, па францускиот првак ќе патува на реваншот во Каталонија со предност од три гола од првиот меч.
Трухановициус беше незапирлив со осум гола од девет обиди, Порт и Кавтичник постигнаа по четири гола за Монпелје, а најдобри стрелци на Барселона беа Нгесан со седум и Сипжак со пет гола.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА