Трката за Матијс де Лигт се разгорува, но Барселона нема да биде следната дестинација на капитенот на Ајакс по неуспешните преговори меѓу неговиот агент Мино Раиола и раководството на каталонскиот гигант. Барса се надеваше дека ќе успее „во пакет“ да ги доведе Де Лигт и Де Јонг од Ајакс, но додека преговорите за плејмејкерот се влезени во завршна фаза, оние за 19-годишниот дефанзивец се прекинати и тешко дека ќе продолжат.
Клучно било инсистирањето на Раиола во договорот да биде вклучена клаузула со која на Де Лигт ќе му биде гарантирано дека ќе игра на повеќе од половина од натпреварите во стартниот тим на Барселона. Каталонците се подготвени да платат богатство од над 50 милиони евра за холандскиот интернационалец, но не сакаат да вклучат ваква клаузула во ситуација кога во тимот го имаат Пике како еден од лидерите, но и квалитетни дефанзивци како Умтити и Ленглет кои сигурно ќе имаат солидна минутажа.
Во една таква ситуација, Барса решила погледите да ги насочи кон други опции кога станува збор за дефанзивни фудбалери, а што се однесува до Де Лигт, најблизу до негов ангажман во моментов се наоѓаат Јувентус и Баерн Минхен. И двата клуба се согласни да платат по 60 милиони евра, Јуве во младиот ас гледа наследник на Кјелини, додека Баерн се надева дека ќе го убеди Холанѓанецот да дојде на „Алијанц арена“ како едно од неколкуте клучни засилувања најавени за летниот преоден рок.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА