Барса скапо ги плаќа грешките – загуба од 150 милиони евра на две „ѕвезди“

Барселона се подготвува да биде меѓу најактивните европски клубови во летниот преоден рок, но каталонскиот гигант ќе мора да почне да ги погодува засилувањата за да не му се случи фијаско како со претходните мегаѕвезди кои воопшто не ги оправдаа очекувањата. Каталонците пред две сезони платија дури 270 милиони евра за да ги доведат Филипе Кутињо од Ливерпул и Усман Дембеле од Борусија Дортмунд, но слабите партии на двајцата фудбалери надополнети со економските последици од коронавирусот ќе придонесат Барса да загуби околу 150 милиони евра на овие две големи „ѕвезди“.

Кутињо беше доведен за 145 милиони евра по долги преговори со Ливерпул, но Бразилецот никогаш не се снајде во стилот на игра што го форсираа тренерите на каталонскиот гигант. Летово беше испратен на позајмица во Баерн Минхен, но и таму подолго време минува на клупата за резерви отколку на терен, што дополнително му ја намали вредноста на пазарот. Тој сака да се врати назад во Премиер-лигата, заинтересирани се Тотенхем и Челси, но лодонските клубови не ни помислуваат на отштета повисока од 60 милиони евра.

Слична е ситуацијата и со Дембеле, кој ги фрустрира сите во клубот со непрофесионалното однесување, што придонесе да има и низа проблеми со повредите. Французинот е ставен на трансфер-листа, но не само што никој не сака да плати 100 милиони евра (Барса го доведе за 125 милиони), туку цената е спуштена и под 60 милиони евра. Во ситуација на намалена платежна способност на речиси сите европски гиганти, тешко е за верување дека некој ќе сака да ризикува плаќајќи богатство за проблематичниот крилен офанзивец. ПСЖ и Ливерпул го „меркаат“ Дембеле, но немаат намера да платат повеќе од 50 милиони евра.

аталонците сигурно очекуваат повисок трансфер, но во ситуација кога ќе им бидат неопходни пари за да ги финансираат најавените доаѓања на Лаутаро Мартинез и на Нејмар, ќе бидат принудени да го жртвуваат Кутињо или Дембеле. Или и двајцата, дури и во ситуација кога тоа би значело вкупна загуба од 150 милиони евра.

Се вчитува...