Барселона и без помошта на Никола Миротиќ, кој е позитивен на Covid-19, успеа да триумфира на шпанското дерби во Евролигата, на гостински терен пртоив Валенсија со резултат 66-71. Валенсија влезе охрабрена по големата гостинска победа над Реал Мадрид, но овој тим немаше сили за уште еден подвиг, плаќајќи за очајното издание на крајот од третата и почетокот од четвртата четвртина.
Имено, по водство на Валенсија од 44-43 во 25. минута, домаќините до крајот на четвртината не постигнаа ниту еден поен, па во последниот период влегоа со „минус десет“ (44-54). Предноста на Барса на почетокот од последната четвртина стигна и до 15 поени, позитива што избраниците на Јасикевичиус ја претворија во конечна победа. Смитс беше прв стрелец на Барса со 15 поени и седум скокови, Калатес реализираше 14 поени и 5 асистенции, додека двоцифрен ефект кај Валенсија имаа само Дубљевиќ и Калиниќ со по 13 поени.
Анадолу Ефес ја прослави првата овосезонска победа откако на гостински терен убедливо триумфираше над Алба Берлин со 72-93. Прашањето на победникот беше решено уште во првото полувреме што турскиот гигант го доби со 35-53, по што избраниците на Атаман рутински ја одржуваа предноста до самиот крај. Ларкин се уште е надвор од терените поради повреда, но одговорноста на вечерашниот меч ја презедоа Плајс со 23 поени и Мициќ, кој оствари дабл-дабл од 13 поени и 13 асистенции.
Натпреварите меѓу Басконија и Зенит, односно Асвел и Панатинаикос, беа одложени поради масовно ширење на коронавирусот во редовите на Зенит и на Асвел.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА