Барса со атомски фудбал на чекор до полуфинале, магија на Кварацхелија за победа на ПСЖ

Барселона и ПСЖ очекувано ги оправдаа фаворитските улоги на домашен терен против Борусија Дортмунд и Астон Вила, во првите четвртфинални дуели од Лигата на Шампионите. Барса е на чекор до полуфинале откако вечерва ги демолираше „милионерите“ од Дортмунд со 4-0, додека ПСЖ ќе го очекува нешто потешко гостување на „Вила Парк“ откако вечерва славеше со 3-1 над незгодниот противник.

Астон Вила најави големо изненадување на гостувањето против ПСЖ откако англискиот тим прв стигна до водство на „Паркот на принцовите“. Екипата на Унаи Емери со класичен бункер се брани во сопствената половина, но гостите искористија еден од ретките излети во противничкиот шеснаесетник за да ја затресат мрежата на Донарума. Стануваше збор за одлична тимска акција,Рашфорд го проигра Тилеманс, Белгиецот одлично уфрли кон петерецот, каде Роџерс немаше тешка задача да ја смести топката во мрежата.

Радоста сепак кратко траеше ако се знае дека ПСЖ набрзина стигна до израмнување, со маестралниот погодок што го постигна младиот Дуе од дваесетина метри. Пресвртот беше комплетиран на самиот почеток од вториот дел, Кварацхелија блесна во сиот свој сјај, откако маестрално се снајде по левата страна, со прецизен удар матирајќи го Мартинез. Во таборот на Астон Вила беа задоволни со само еден гол негатива, но така не мислеа и фудбалерите на ПСЖ, кои во судиското продолжение постигнаа и трет гол, преку левиот бек Нуњо Мендеш.

Барселона доминираше од почеток до кра на дуелот со Борусија Дортмунд, Рафиња беше стрелец на првиот гол откако Бразилецот на самата гол-линија ја смести топката во мрежата, која секако ќе завршеше таму по ударот со глава на Кубарси.

Во вториот дел на сцена стапи Левандовски, Полјакот со два гола ја запечати судбината на поранешниот клуб за водство на Барса од 3-0. Конечните 4-0 беа дело на Јамал по извонредниот контранапад и асистенцијата на Рафиња.

Се вчитува...