Барселона го продолжи импресивниот старт на сезоната и по репрезентативната пауза, откако на гостински терен ја декласираше Џирона со преубедливи 1-4. Ова беше наплата на ланскиот долг откако минатата сезона Џирона ги доби двете средби со Барселона, притоа постигнувајќи по четири погодоци, а избраниците на Ханси Флик попладнево ја „возвратија услугата“.
Првото полувреме мина во знакот на Ламин Јамал, откако суперталентираниот тинејџер ги постигна првите два гола за Барса. Првиот беше подарок од еден домашен дефанзивец, откако Јамал му ја украде топката на работ од шеснаесетникот и го матираше голманот. Ламин погоди за 0-2 мајсторски, од петнаесетина метри сместувајќи ја топката во мрежа иако пред него се наоѓаа голем број играчи од двете екипи.
На почетокот од вториот дел блесна и Дани Олмо со извонреден погодок за 0-3, но десетина минути подоцна Олмо се повреди и мораше да биде заменет, па останува лекарските прегледи да покажат колку овој фудбалер ќе мора да отсуствува од терените.
Четвртиот гол на Барселона беше дело на Педри, кој успеа да го мине и голманот на Џирона пред да ја смети топката во празната мрежа. Домаќините утешниот погодок го постигнаа во 80. минута преку Стуани, откако „резервистот“ немаше тешка задача од пет метри да стрела во мрежата по додавањето на Порту.
Бојан Миовски се најде на клупата за резерви, но не доби шанса да настапи против каталонскиот гигант на овој натпревар.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА