Барселона е решена да ги искористи проблемите на ПСЖ околу задоволувањето на правилата за финансиски ферплеј, откако беше обелоденето дека „светците“ ќе мораат да продадат играчи во вредност од најмалку 170 милиони евра за да избегнат европска суспензија. Иако каталонските медиуми во изминатиот период често шпекулираа за враќање на Нејмар на „Камп ноу“, последните инфомации говорат дека Барса нема намера да го враќа „предавникот“ што си замина пред две сезони за сума од 222 милиони евра.
Наместо него, каталонците сакаат да го ангажираат Килијан Мбапе, новата ѕвезда на светскиот фудбалер пред која дефинитивно е блескава иднина. Подготвена е и извонредна понуда, што според каталонската јавност ќе биде „премногу добра да биде одбиена“ – Барса за Мбапе би платила 150 милиони евра, плус би го испратила Филипе Кутињо во Париз.
Бразилецот се покажува како големо промашување по 150 милиони евра вредниот трансфер од Ливерпул, откако Кутињо поголем дел од натпреварите сезонава ги почна на клупата за резерви. Тој не се вклопува во тактичките замисли на Валверде, па предност пред него добива и проблематичниот Дембеле. Кутињо важи за одличен пријател на Нејмар, па токму тоа е „џокерот“ на кој игра Барса, Бразилецот да инсистира на носење на својот сонародник.
Секако, на потег се челниците на ПСЖ, кои најпрвин ќе треба да пресечат – дали да го продадат Нејмар или Мбапе, а потоа и поединечно да ги разгледуваат сите понуди кои ќе пристигнат за играчот што ќе си замине од „Паркот на принцовите“.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА