Масимилијано Алегри е стратегот што челниците на Барселона го гледаат како идеален избор за нов тренер на каталонскиот гигант. Ова го откриваат каталонските медиуми, кои објавија дури и дека претставници на Барса оствариле средба со трофејниот стратег за време на гостувањето на Јувентус во Порто во рамките од ЛШ.
Притоа, на Алегри му бил понуден договор под одлични услови, плата од осум милиони евра по сезона за следните три години, плус бонуси за освоени трофеи. Италијанскиот стручњак најавил дека нема да даде одговор до крајот на сезонава, а симптоматично е што шпекулациите се интензивираат откако Барселона беше извлечена да игра со Јувентус во четвртфиналето од Лигата на шампионите.
Алегри има договор со „старата дама“ на уште една година, но двете страни во текот на сезонава најавија дека е можно во текот на летото да дојде до прекин на соработката. Барселона покрај за овој стручњак, сериозно се интересира и за Ернесто Валверде, кој моментно го води Атлетик Билбао, а како една од опциите се споменува и првиот асистент на Луис Енрике, Хуан Карлос Унзуе како стручњак што е целосно запознаен со квалитетите на екипата, но и со клупската поставеност во Барселона.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА