Лука Циндриќ би можел својата кариера да ја продолжи во дресот на Барселона, откако каталонскиот гигант веќе испратил и конкретна понуда за да го доведе поранешниот ракометар на Вардар во своите редови. Хрватот е дел од тимот на Кјелце, но полскиот првак се соочува со сериозни финансиски проблеми, поради кои и покрај желбата да го задржи Циндриќ, газдата Бертус Сервас би можел да биде принуден да ја прифати понудата на Барселона.
„Точно е, има понуда од Барселона, а и кај самиот ракометар постои желба да се пресели во овој клуб. Сепак, ние го имаме последниот збор, а нашиот став во моментов е дека Лука не е за продажба“ – истакна Сервар за полските медиуми.
Циндриќ важи за еден од најдобрите средни бекови во Европа, позиција на која дрим-тимот на Барса е „најтенок“ (прва опција е Палмарсон, но Ентрериос е на чекор до пензија), па јасно е зошто тренерот Пасквал би сакал да го доведе токму овој играч во своите редови. Сепак, Циндриќ има договор со Кјелце со 2021 година, па јасно е дека Барса ќе треба да плати значителна сума за да го доведе овој ас во каталонската престолнина.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА