Фудбалерите на Барселона се навикнаа да важат за аутсајдери на реванш дуелите од нокаут фазата во Лигата на шампионите. Откако со чудесен камбек во осминафиналето го елиминираа ПСЖ, избраниците на Луис Енрике вечерва се соочуваат со нов предизвик, да ја стигнат негативата од 3-0 од првиот меч против Јувентус. Каталонците се свесни дека предизвикот овојпат е уште поголем бидејќи против себе ќе ја имаат една од најдобрите одбрани во Европа, на чело со Џанлуиџи Буфон, голманот на кој Лионел Меси се уште му нема постигнато гол во кариерата.
„Ние сме Барселона и ако некој може да даде три гола за три минути, тоа сме ние. Ни треба само еден гол, потоа вториот ќе го постигне „Камп ноу“ со пеколната атмосфера. Третиот ќе следи сам од себе. Целта ни е да постигнеме пет гола, да одиграме фанатично се до последниот свиреж, се до 95. минута. Атмосферата во тимот е добра, зборуваме за работите што сме ги постигнале во минатото и што треба да направиме сега за да стигнеме до нов успех“ – Луис Енрике ги мотивираше своите фудбалери во пресрет на денешната голема битка.
Луис Енрике има перфектен скор, откако овој тренер стигна на клупата на Барселона оваа екипа нанижа 15 победи по ред на „Камп ноу“ во рамките на Лигата на шампионите. Барса на последните 20 домашни средби во ЛШ има скор од 19 победи и едно реми, серија што трае уште од септември 2013 година. Во однос на првиот натпревар Барселона ќе биде посилна за Серхио Бускетс, кој се враќа по одлежаната суспензија на првиот натпревар во Торино.
Јувентус одигра фантастично на првиот дуел, но во таборот на „старата дама“ се свесни дека овојпат задачата ќе биде многу потешка.
„Треба да бидеме внимателни, кога ќе се браниме, а кога ќе напаѓаме. Мораме да бидеме паметни, да не размислуваме за предноста од првиот меч туку да играме како да е 0-0. Барса има исклучително квалитетни напаѓачи и секоја одбрана има проблеми да ги неутрализира“ – истакна Масимилијано Алегри.
Во таборот на „старата дама“ се надеваат дека Гонзало Игуаин ќе проработи, откако Аргентинецот не искористи неколку шанси на првата средба. Статистиката вели дека тој на 18 средби против Барса постигнал само три погодоци, но ниту еден на „Камп ноу“. Јувентус славеше на четирите гостувања во ЛШ сезонава, не примајќи гол на три од овие четири натпревари, но вечерашниот предизвик дефинитивно е поголем од сите претходни.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА