Веќе нема дилеми, „пукната е тиквата“ во ПСЖ кога станува збор за статусот на Нејмар, откако претседателот Ал Келаифи објави дека „никој не го терал со сила Бразилецот да дојде во Париз“, отворајќи ја вратата за негово заминување од клубот. Долго време се најавуваше дека Реал е сериозно загреан за оваа фудбалска мегаѕвезда, но со последниот азвој на настаните е јасно дека Барселона е фаворит во оваа трка.
Најмногу поради фактот дека Меси се уште е многу близок со поранешниот соиграч, барајќи токму Нејмар да биде клучно засилување во овој преоден рок. Бразилските медиуми објавија дека Барселона веќе ја подготвила и првата понуда, која ќе изнесува 100 милиони евра. И тоа не е се, бидејќи каталонците во „пакетот“ ќе вклучат и неколку фудбалери, кои се наоѓаат на листата со желби на „светците“ од Париз. Ракитиќ, Умтити и Дембеле се поврзуваа со преселба во Париз во изминатиот период, па според истите извори, двајца од овие тројца играчи, со доплата од 100 милиони евра, ќе бидат доволни за да се стигне до потписот на Нејмар.
Само за потсетување, ПСЖ пред две години го доведе Нејмар за сума од 222 милиони евра, што се уште е рекорден трансфер во светот на фудбалот. Целта беше да се стигне до трофејот од ЛШ, но францускиот првак и во двете сезони не стигна ниту до финалето, а Нејмар поради тешки повреди ги пропушти клучните натпревари.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА