Барса тргна со 100 милиони евра по Дембеле

Осман Дембеле е фудбалерот што челниците на Барселона сакаат да го доведат во своите редови како адекватна замена за Нејмар. Младиот Французин е страничен офанзивец, идентична позиција на онаа што Нејмар ја имаше во Барса, поради што каталонскиот гигант настојува што поскоро да го комплетира овој трансфер.

Францускиот весник „Л’Екип“ повикувајќи се на извори блиски до самиот фудбалер тврди дека веќе се договорени личните услови за долгогодишна соработка, па останува да се договори уште висината на отштетата за 20-годишниот крилен офанзивец.

Борусија уште на почетокот од летото одби 70 милиони евра за Дембеле, но Барса е подготвена да плати 100 милиони евра, сума што германскиот клуб тешко дека ќе може да ја одбие. Се очекува преговорите да се интензивираат на почетокот од следната седмица, се со цел Французинот во наредните денови да се пресели на „Камп ноу“ и час поскоро да му се стави на располагање на Ернесто Валверде.

Доколку успее да го реализира овој трансфер, Барселона ќе има и 122 милиони евра што ќе може да ги искористи за уште едно врвно засилување, Верати, Кутињо или Дибала.

Се вчитува...