Алесандро Бастони со години важи за најдобар италијански дефанзивец, тој блеска во редовите на Интер, но статусот во италијанскиот фудбал му се промени во еден миг, откако направи прекршок за црвен картон на клучниот бараж со БиХ.
Италија со играч помалку не успеа да ја задржи минималната предност од 0-1, на крајот и го загуби дуелот во Зеница, а Бастони сосема очекувано е посочен како главен виновник за ова фијаско.
Тој допрва ќе го почувствува на своја кожа бесот на италијанските фанови на стадионите ширум Апенинскиот полуостров, поради што клупската легенда на Интер, Џузепе Бергоми му порача на Бастони дека е добра идеја да почне да размислува за летен трансфер надвор од Серија А.
„Бастони треба што поскоро да си замине од Италија. Јас не го бркам, само велам дека тоа е за негово добро… И што ќе се случи, ќе останеме без еден од најдобрите одбранбени фудбалери во светот, затоа што критиките и навредите што ги добива не престануваат. Жал ми е за Интер, но Бастони ќе мора да си замине во клуб каде фокусот ќе му биде само на фудбал, а не на навредите што ќе ги добива. Тоа секако ќе биде надвор од Италија“, истакна Бергоми.
Од целата ситуација најмногу би можела да профитира Барселона, ако се знае дека каталонскиот гигант уште пред мартовскиот бараж покажуваше сериозен интерес да го доведе одличниот дефанзивец во своите редови. По последните случувања на стадионот во Зеница, шансите за преселба на Бастони на „Камп Ноу“ се се поголеми.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

