Барселона без Маскерано на мегдан со ПСЖ

Хавиер Маскерано заработи повреда пред самиот крај на синоќешниот дуел со Атлетико Мадрид, па аргентинскиот интернационалец сега ќе мора да пропушти неколку натпревари на Барселона. Каталонскиот гигант попладнево преку соопштение обелодени дека станува збор за повреда на бицепсот на левата нога, поради што Маскерано нема да му биде на располагање на тренерот Луис Енрике во следниот период.

Она што е сигурно е дека Маскерано ќе го пропушти следниот натпревар против Алавес во Примера дивизион, како и првиот осминафинален дуел од Лигата на шампионите против ПСЖ. Каталонските медиуми најавуваат дека Енрике нема да ризикува со овој фудбалер ниту за пресметката со Леганес, а во таборот на Барселона се надеваат дека Аргентинецот би можел да биде оспособен за настап на големото дерби од Примера дивизион против Атлетико Мадрид, закажано за 26 февруари.

Ова значи дека Умтити ќе продолжи да му прави друштво на Пике во последната одбранбена линија на Барса, додека одлична вест за Енрике е што Серхио Бускетс се рехабилитираше по својата повреда и ќе може да настапи против Алавес, в сабота.

Се вчитува...