Барселона на саботниот натпревар од Лигата на шампионите против актуелниот европски и македонски првак Вардар ќе биде без услугите на еден од своите најдобри ракометери, Исланѓанецот Арон Палмарсон. Одличниот бек го истегнал мускулот на левата нога и ќе мора да паузира во наредните три седмици, објави каталонскиот клуб.
Палмарсон ја заработил повредата на вчерашниот меч против Хуеска во АСОБАЛ, а денешните медицински прегледи покажале дека се работи за истегнување на адукторот на левата нога. Тој ќе мора да мирува во наредниот период и да мине низ рехабилитациски процес, а неговото враќање на терените се очекува за околу три седмици.
Покрај дуелот со Вардар, Палмарсон нема да биде во составот на Барселона и на мечевите со Висла Плок и со Кристијанштад во Лигата на шампионите, како и неколку натпревари од АСОБАЛ.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА