Каталонскиот гигант Барселона ги демантираше написите во шпанските медиуми дека раководството на клубот водело преговори и постигнало договор за ангажман на францускиот интернационалец Антоан Гризман во летниот преоден рок. Медиумите кои се блиски до „Камп Ноу“, каталонски „Спорт“ и „Мундо Депортиво“, објавија дека Гризман е веќе договорен како ново засилување за Барса од лето и ќе ја добие „седумката“, но клубот тоа го демантираше.
„Барселона силно ги демантира информациите кои се појавија во некои медиуми дека клубот водел преговори со фудбалерот на Атлетико Мадрид, Антоан Гризман“, објавија службено од редовите на Барселона.
Сепак, ова нема да ги намали шпекулациите дека Гризман ќе заврши на „Камп Ноу“ претстојното лето. Тој во моментов има отштетна клаузула во неговиот договор со Атлетико Мадрид вредна 200 милиони евра, а истата од 1 јули ќе се намали на 100 милиони евра. Тоа е многу поприфатливо секако за каталонскиот клуб, кој во моментов и не смее да преговара со фудбалерот без дозвола на Атлетико Мадрид. Оттаму и официјалниот демант на Барселона.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА