Дербито на 7.коло во А групата во Лигата на шампионите меѓу Барселона и Рајн Некар Левен заврши без победник (26-26). Ова е второ реми сезонава во дуелите на шпанскиот и германскиот шампион. На првиот меч во Гераманија на стартот од групната фаза, резултатот беше 31-31, а со поделба на бодовите заврши и нивната втора пресметка во „Блауграна“, што пак му оди во прилог на Вардар кој сега е супериорен на лидерската позиција во групата со 13 бода, три повече од Рајн Некар Левен, четири пред Барселона.
Натпреварот беше изедначен речиси во сите 60 минути. Барселона на стартот стигна до +4 поведувајќи со 5-1 и се одржуваше во водство до крајот на првиот дел кога Рајн Некар успеа да изедначи на 13-13. Во вториот дел се сменија улогите и предноста најмногу до три гола разлика, беше на стараната на германскиот тим. Во финишот на мечот Барселона имаше напад за победа, но Паличка го одбрани ударот на Нгесан, а потоа во слична ситуиација на спротивната страна се најде Перез де Варгас кој го сопре ударот на Пекелер.
Двајцата македонски репрезентативци на двете страни немаа позабележителен удел во овој дуел. Борко Ристовски остана на клупата на Барселона, а Филип Талески доби скромна минутажа во составот на Рајн Некар Левен и не се запиша во листата на стрелците. Најефикасен во домашниот тим беше Дика Мем со осум гола, а кај Рајн Некар Левен со осум гола заврши Момир Рниќ.
По комплетирањето на 7.коло, Вардар е на првото место на табелата во групата А со 13 бода, пред Рајн Некар Левен со 10 и Барселона и Нант со по 9 бода. Зад нив следуваат ПИК Сегед со 7, Кристијанштад со 3, ППД Загреб со 2 и Висла со 1 бод.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА