Шпанските гиганти Барселона и Реал Мадрид и ова лето ќе имаат жестока борба за ангажман на двајца напаѓачи. Французинот Антоан Гризман од Атлетико Мадрид и Аргентинецот Пауло Дибала од Јувентус се во нивниот фокус, како можни засилувања за ова лето. Двата клуба најавуваат голема активност на трансфер – пазарот, а ќе треба да бидат поумешни за да стигнат до потписот на посакуваните фудбалери токму од најголемиот ривал.
Гризман беше прв „пик“ на Манчестер јунајтед, но во последните свои интервјуа самиот ја отфрли таквата можност, истакнувајќи дека сака да остане во Шпанија, и тоа во Атлетико Мадрид. Но, потоа и додаде дека нема фудбалер кој не би сакал да игра за еден од двата гиганти. Барселона и Реал Мадрид. Тоа секако е доволна мамка и за двата клуба да се обидат да направат голем трансфер и да го доведат или на „Камп Ноу“ или на „Сантијаго Бернабеу“, и тоа од третиот конкурент во Шпанија, Атлетико Мадрид.
Пауло Дибала исто така долго се најавува како можно засилување за шпанските гиганти. Барселона сака да го приклучи на триото „МСН“, а Реал Мадрид во него гледа идеален наследник на Кристијано Роналдо. „Новиот Меси“ ќе има можност да избира која страна од Шпанија му е подрага, каталонската или онаа од престолнината Мадрид. Јасно е дека дури ниту Барса и Реал нема да можат да ги купат двајцата во еден преоден рок, па останува да се види како ќе се кршат копјата и дали Гризман и Дибала ќе бидат вистинските ѕвезди на летниот преоден рок, со трансфер во еден од двата шпански гиганти.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА