Барселона и Лионел Меси се нераскинливо поврзани од почетокот на кариерата на Аргентинецот, кој на „Камп Ноу“ се изгради во фудбалско божество, но во последниот период се почести се шпекулациите дека тој би можел да го напушти клубот. Во редот чекаат најлутиот ривал Реал Мадрид, но и финансиски моќните Манчестер сити и Пари Сен Жермен, кои се надеваат дека би можеле да го „грабнат“ Меси и со него да владеат во светот на фудбалот уште неколку години. Сепак, не е така лесно за Меси да си замине од својот дом, а и Барселона не е така наивен клуб за тоа го дозволи.
Шпанските медиуми откриваат дека Барселона веќе му исплатила аванс на Лео Меси за потпишување на новиот договор, и тоа во фантастичен износ од 50 милиони евра. Тоа треба да биде еден вид гаранција дека ќе остане на „Камп Ноу“, но и помош за својот најдобар фудбалер во миговите кога имаше проблеми со неплатениот данок во Шпанија, за што имаше и судски процес.
Меси најверојатно има потпишано преддоговор за продолжување на соработката со Барселона, а за тоа јавно веќе коментираше и поранешниот ас на овој клуб, Христо Стоичков.
Од друга страна, Барселона не е во најдобра форма, едвај се извлече против Леганес на домашен терен во минатото коло, победувајќи со 2-1, и тоа со голот на Лео Меси од пенал во 90.минута. Аргентинецот не се ни израдува на погодокот откако го постигна, иако беше победнички и ги одржа шансите на каталонскиот тим за титулата.
Барса денеска му гостува на Атлетико Мадрид, и веројатно ова е вистинскиот момент за Лео Меси и неговите соиграчи да блеснат во полн сјај, доколку посакуваат да ја одбранат круната.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА